Партијата за економски промени 21 смета дека одливот на млади доктори во странство поради подобри услови за работа и високи плати, станува загрижувачки тренд во Македонија.
Ако алармот го вклучи Здружението на лекари кои вели дека за последниве осум месеци земјава ја напуштиле повеќе од 200 експерти од лекарската фела, тоа значи дека Република Македонија не само што ја напушта добро обучен, а и млад кадар, туку нивното заминување има повеќе степено негативно влијание.
ПЕП 21 смета дека тоа се одразува и врз нормалното функционирање на здравствениот систем. Со губење на кадри од лекарската фела македонските граѓани губат квалитетни и брзи здравствени услуги.
Падот на економскиот стандард, немотивираноста, несоодветните здравствени реформи и нестручните раководни кадри доведоа до ваквите опасни и поразителни резултати.
Ако на еден лекар му се потребни 6 години за завршување на медицинскиот факултет, потоа стажирање или магистериум, и подоцна докторат, тогаш странците на подарок добиваат готов едуциран квалитетен, работоспособен млад кадар, за чие образование и усовршување вложуваат сите граѓани во државата
.
ПЕП 21 прашува дали народните пари се трошат на странски лекари за обука на домашен кадар и продуцирање на нови стручни лица ,за да истите поради лошата состојба во државата, особено во здравството, ден поскоро заминат од Македонија и се стават во служба на странски земји и нивните граѓани?!
Здравјето и здравството се најдрагоцената работа во една држава. Развиените земји одамна сфатија дека здравствениот систем не прифаќа импровизации, туку темелни повеќе годишни реални инвестирања, а не финансирање на саморекламирање.
Затоа ПЕП 21 се согласува со сериозните забелешки на лицата со белиот мантил и предлага веднаш да се направат правовремени и трезвени чекори за да не колабира здравствениот систем.
ПЕП 21 | Скопје | |
ИНФО ЦЕНТАР | 18.02.2014 г. |