ОБРАЌАЊЕ
Почитувани граѓани,
Политичката партија ПАРТИЈА ЗА ЕКОНОМСКИ ПРОМЕНИ 21 – ПЕП 21 е формирана по иницијатива на голем број граѓани , меѓу кои и личности кои се докажани како стручни во својата област на делување и работење и истите се позитивно прифатени во својата средина на живеење, а досега политички јавно не биле експонирани.
Иницијативата ја подржаа и во истата се приклучија голем број млади луѓе со желба да дадат свој придонес пред се за решавање на егзистенцијалните прашања во државата преку своите идеи, размислувања и предлози за позитивни промени во економијата.
ПЕП 21 е самостојна, доброволна, демократска, граѓанска партија и е отворена за сите кои сакаат да пристапат во неа или сакаат да дадат свој придонес преку свои проекти, програми, идеи, ставови и мислења кои би биле реализирани низ тековните партиски активности и истите би станале дел од партиската програма.
Партија за економски промени 21 е граѓанска партија со свои партиски цели и определби и преку своето делување се залага за економски напредок, сигурност и благосостојба на сите граѓани во Република Македонија.
Таа е отворена за соработка со сите политички партии (и од позиција и од опозиција), а првенствено за заштита на интересите на Република Македонија и нејзините граѓани.
Партијата соработува со здруженија на граѓани, невладини организации, синдикати, комори, државни органи, локална самоуправа, амбасади и други правни лица, домашни и странски , а сето ова во согласност со Уставот и Законите на Република Mакедонија, како и во согласност со Статутот и Програмата на партијата.
Работењето на партијата е јавно, транспарентно и остварува отворена соработка со сите пишани и електронски медиуми , како и одржување на редовни средби со граѓаните, тематски трибини и отворени канцеларии.
ПЕП 21 е политичка партија која своите активности ќе ги реализира согласно уставните и законските одредби и ќе делува конструктивно, позитивно, благовремено завземајќи политички ставови за сите значајни прашања од јавниот живот, а кои се во интерес на Република Македонија и нејзините граѓани.
Со почит,
Партија за економски промени 21