,,Партија за економски промени 21’’ (ПЕП 21)
ќе се стреми и залага за остварување на следното:

    Фер и пазарно ориентирана модерна економија која тежнее кон целосно искоренување на невработеноста во Република Македонија;
    Создавање услови за развој на реалниот сектор, со цел да се отворат нови работни места  кои ќе се пополнат со одговорни лица стручни во областа на своето работење и со  млади  способни и амбициозни кадри; 
    Стимулации и подобрување на условите за стопанисување и на домашните фирми;
    Зголемување на домашното производство  и постигнување на долгорочно одржлива стапка на економски раст од 6 до 8%;
    Обезбедување на достоинствени работни места и европски плати со цел за подобрување на материјалната и социјалната положба и сигурност на граѓаните;
    Инвестиции во стопанството, инфраструктурата, здравството, образованието и човечките ресурси;
    Јавно, транспарентно и продуктивно вложување на средствата од буџетот на државата;
    Минималната плата да не биде помала од  висината на потрошувачката кошничка пресметана од Заводот за статистика на Република Македонија;
    Планирање на буџети кои се темелат на реални показатели;
    Даноци кои ќе зависат од висината на приходите и економската состојба на граѓаните;
    Секое семејство ќе биде финансиски поддржано со детски додаток за секое дете, односно детето ќе зема стипендија чија висина (износ) ќе зависи од возраста и потребите на детето и примањата на родителите;
    Поволности и финансиска поддршка од државата при вработување – засновање на работен однос во реалниот сектор, за секоја жена во дејностите каде е застапена под 30 %;
    Стапка на  невработеност под 15% во период од 4 години;
    Проекти и мерки за долгорочно вработување на невработените лица и реално зголемување на можностите за вработување;
    Паричен надомест по основ на невработеност за сите лица кои поради структурни промени (ликвидација, стечај и сл.)  останале без работа во периодот на транзицијата;
    Финансиска поддршка и поволности  за невработените лица, како: бесплатен слободен превоз  со автобусите на ЈСП, бесплатни систематски прегледи и друго;
    Социјална заштита и помош на социјално загрозените граѓани без повредување на нивното достоинство;
    Социјална парична помош за сите социјално загрозени односно  невработени лица поединечно;
    Право на основна минимална пензија за сите лица кои не се опфатени со Законот за пензиско и инвалидско осигурување на Република Македонија, a се со навршени 62 години  жени и 64 години  мажи;
    Активности за поголема грижа за старите лица во смисла на изградба на значително поголем број државни пензионерски домови;
    Периодот на породилно боледување да изнесува  18 месеци, а двата родители да имаат право да го користат и можност да го комбинираат временскиот период на породилното боледување по сопствен избор;
    Мајката или таткото да имаат право на скратено работно време  до двегодишна возраст на детето;  
    Поддршка за самохраните родители и децата кои живеат во семејство со самохран родител;
    Целосна грижа за децата без родители;
    Целосна и превентивна заштита и материјална и морална поддршка на лицата жртви на семејно насилство ;
    Државата да обезбеди максимална грижа, редовна материјална и морална поддршка, како и секојдневни активности за лицата со посебни потреби и хендикеп;
    Родителите ( старателите ) на лицата со посебни потреби и хендикеп, да имаат приоритет при користење на услугите од државните институции, а при тоа да бидат ослободени од секакви такси и давачки кои што се однесуваат на лицата со посебни потреби и хендикеп;
    Развој на севкупната инфраструктура во Република Македонија и пред се подобрување на инфраструктурата и условите за живот на село;
    Обезбеден пазар, извоз, откуп и преработка на земјоделските култури и производи;
    Правилна и оптимална распределба на земјоделските површини во државна сопственост, како и на запуштените површини кои изнесуваат преку 200 000 хектари, а истото да биде дадено на располагање и користење на вистинските земјоделци на кои земјоделието им е основна дејност. Семејните земјоделски стопанства би располагале со доволно површини , оптиминизирани на научна основа. Со тоа ќе се создадат нови оптимални семејни стопанства , чиј број за неколку години би изнесувал 50 000 и ќе ангажира над 150 000 активно невработено население, со тенденција на зголемување на бројката;
    Хоризонтална меѓусебна интеграција на семејните стопанства и нивна вертикална интеграција со преработувачката индустрија, со што ќе се формираат повеќе кооперативни компании според видот на производството. Преработувачката индустрија и маркетингот ќе бидат сервис на примарното производство, интегрирано во кооперативни компании на примарните производители;
    Изградба на објекти за примарно земјоделско производство и набавка на технолошка опрема со средства од ИПАРД-програмата, каде државата во почетокот ќе постигне договор со деловните банки за прифаќање на одобрените грантови како колатерали за добивање кредити;
    Органско производство во ридско планинските подрачја кaко еден од моделите за подобрување на животниот стандард и ќе придонесе за охрабрување на младите генерации да ја изградат својата иднина во еколошки чисти и здрави средини;
    Зголемување на конкурентноста преку воведување на современи технолошки постапки, набавка на современа механизација за примарна обработка на земјиштето по бенифицирани услови и  посебни услови при аплицирање за грантови од ИПАРД-програмата;
    Во областа на водостопанството, ќе се активираат постојните системи за наводнување, кои засега покриваат 120.000 хектари, а се користат само 20 % и ќе се отвори  нов водостопански објект по течението на реката Вардар кој ќе го зголеми капацитетот на акумулирана вода и на системите за наводнување, со што ќе се овозможи искористување на необработените, речиси пустински површини на Вардарска долина и горниот дел на ридчестата Овче полска долина;
    Организирање на континуирана обука за практично запознавање со технолошките унапредувања во сите области на земјоделското производство, преработка и маркетинг;
    Пренамена на земјоделското земјиште во градежно или индустриско исклучиво со економско оправдани цели;
    Доизградување на патната инфраструктура;
    Довршување на изградбата на автопатот Е 75 од коридорот 10 (Демир Капија – Смоквица);
    Изградба на автопат Романовце – Крива Паланка од коридорот 8;
    Реконструкција и модернизација на магистралните и регионалните патни правци во Република Македонија (Штип-Радовиш-Струмица;Кичево-Струга-Охрид);
    Воведување електронска наплата на патарините на сите наплатни рампи во државата;
    Изградба на нова пруга Белјаковце - Крива Паланка - Деве Баир и поврзување на Република Македонија со Република Бугарија како и доизградба и реконструкција на пругата Куманово - Белјаковце од Коридорот 8.
    Електроенергетскиот сектор e еден од столбовите на македонската економија и затоа ќе вршиме постојано зголемување на инвестициите за модернизација на постојните и  изградба на нови енергетски објекти;
    ДДВ-то за потрошена електрична енергија ќе го намалиме од 18% на 5%.
    Да се укине плаќaњето на основниот придонес за пресметковна моќност од 33,33 % од превземената активна електрична енергија.
    Сигурно, континуирано и квалитетно снабдување со електрична енергија на сите потрошувачи во нашата земја по економски прифатлива цена за сите;
    Воведување на евтина дневна тарифа и цената на електричната енергија да биде исклучиво одредувана од реално независна Регулаторна комисија за енергетика на Република Македонија без  влијание од надвор;
    Со едукација и со уште  поголемо субвенционирање за потребниот систем на сончеви  колектори ќе  овозможиме користење на сончевата енергија од страна на сите семејства;
    Стимулирање и зголемување на производството на електрична енергија од поевтини извори  на енергија (мали хидроелектрани, ветерни електрани, сончеви електрани, електрани на биогас);
    Гасификација  со  изградба на Националниот гасоводен систем и вклучување на Република Македонија во меѓународните гасоводни коридори;
    Решенија со чија реализација ќе престане одливот на млади граѓани надвор од границата на Република Македонија , а позитивните економски промени  ќе резултираат со желба на веќе заминатите млади луѓе да се вратат во својата земја;
    Обезбедување на работа и дом за секој млад човек како основен услов за формирање на семејство; 
    Максимална доверба и поддршка на младите од државата, државните органи и организации, односно општеството во секој сегмент на нивното живеење и делување; 
    Редовно организирање на дебатни трибини, каде младите ќе можат да дебатираат, предлагаат , прашуваат,критикуваат, сугерираат; 
    Реализирање на реалните и позитивни потреби и барања на младите;
    Стимулирање на младите за отпочнување на сопствен приватен бизнис и финансиска поддршка од државата за сите млади претприемачи во форма и начин утврден по спроведени анализи и анкети;
    Подигнување на свеста на младите за штетното влијание на дрогата, алкохолот и цигарите; 
    Стекнување на младите со вештини и знаење преку практично работење кое ќе биде платено во висина од најмалку 50 % од просечната плата во Република Македонија;
    Квалитетно образование со континуирана едукација и обука на наставниот кадар; 
    Отсуство на притисоци и санкции на наставниот кадар;
    Обезбедување нормални услови за работа на училиштата со посебен акцент на руралните средини;
    Интензивирање на воспитното делување на училиштата;
    Зголемување на безбедноста на учениците во училиштата;
    Воведување на предмети за хумани односи меѓу половите;
    Рационализација на мрежата на високообразовни установи во државата заради постигнување на повисок стандард на квалитет; 
    Овозможување поголема автономија на државните  универзитети;
    Квалитетни и бесплатни здравствени услуги, без притисоци и санкции врз професионалната медицинска фела;
    Поддршка и заштита на јавното здравство преку материјален и кадровски потенцијал;
    Стимулации во неатрактивни медицински дисциплини во јавното здравство, со цел надминување на проблемот од недостиг на соодветен кадар;
    Зголемување на платите на здравствените работници со цел нивно задржување во јавното-државно здравство и давање на поквалитетни услуги;
    Подеднаква здравствена заштита на целата територија на Република Македонија;
    Независно судство ослободено од партиски и секаков вид влијанија и притисоци;
    Судскиот совет да биде избиран од судската фела; 
    Судовите да креираат сопствено финасирање, независно од буџетот на Република Македонија;
    Овозможување на законска основа работата на Судскиот совет да биде јавна и транспарентна;
    Изборот и напредувањето  на судиите да се врши на законска основа со јасни и прецизни критериуми врз основа на нивниот квалитет, знаење, професионалност и стручност; 
    Технички и материјални услови за ефикасна,ефективна и квалитетна работа на судството со креирање на сопствено финансирање независно од буџетот на Република Македонија;
    Овозможување на услови за постојана едукација на судиите во областа на европските стандарди за заштита на човековите права;
    Превземање на дел од одговорноста за изнаоѓање на решение за интегрирање на Република Македонија во Евроатлантските институции;
    Главен приоритет за членство во НАТО како гаранција за сопствена безбедност и придонес за изградба на побезбеден свет  и овозможување солидна основа  за заживување на економијата преку влез на што повеќе странски инвестиции;
    Македонија што поскоро како полноправен и рамноправен член на    Европската Унија и дел од големото европско семејство;
    Развој на добрососедските односи на Република Македонија преку соработка во економијата, културата, образованието, спортот, медицината и други сегменти;
    Македонска дипломатија со високо професионални, стручни и непартиски кадри и широко распространета дипломатска мрежа;
    Граѓанинот како слободна и просперитетна единка, слободен и социјално сигурен поединец како најголема вредност во општеството;
    Залагање против секаков  вид на дискриминација, репресија   и институционална нееднаквост;
    Слобода на говор, делување и здружување;
    Секому да биде овозможено право на посебност, индивидуалност,   различитост;
    Рационализирање на административните процедури;
    Слободна, но политички пасивна администрација, заштитена, модерна, обучена и прилагодена на сите европски стандарди, а истата ставена во функција на граѓаните на Република Македонија;
    Една изборна единица и  коалицирање помеѓу политичките партии по завршување на изборите;
    Политичката партија која ќе добие мандат да ја формира Владата на Република Македонија во Програмата за работа на Владата да предвиди реализирање на дел од проектите и мерките од Изборната програма на сите партии кои добиле мандати во Собранието; 
    Изнаоѓање на модел  за реално независни и самостојни синдикати, комори, регулаторни комисии и тела;
    Продукција на домашни емисии, серии и филмови и нивно пласирање во други земји со цел да се промовира нашата република.