БИЛЈАНА ЈОВАНОВСКА, ПРЕТСЕДАТЕЛ НА ПЕП 21

НАШАТА ПАРТИЈА ЌЕ БИДЕ САМОСТОЈНА

 

Енергија, успех, одлучност, младешки дух, бунтовност, но и мудрост и зрелост - с` тоа собрано во бројот 21, симболот на новоформираната партија на политичката сцена -Партија за економски промени 21.

Минатата недела овој политички субјект одржа основачко собрание, а нејзиниот претседател, Билјана Јовановска, најавува фокусирање на економијата и создавање услови за поуспешен развој на реалниот сектор, со цел отворање нови работни места, кои би биле пополнети со млади, но и стручни и амбициозни кадри. Партијата, меѓу другото, како што вели, ќе се залага и Судскиот совет да биде избран од еснафот, а судовите да создаваат сопствено финансирање независно од буџетот. Исто така, приоритет е и изнаоѓање модел за создавање независни и самостојни синдикати, комори. 

Kој беше мотивот за формирање на ПЕП 21?

По иницијатива на голем број граѓани, кои, пред с`, се докажани во својата област на дејствување, а досега политички не се експонирани. Исто така, иницијатива дадоа и голем број млади луѓе, академски граѓани, кои имаат голема желба да дадат свој придонес за решавање на егзистенцијалните прашања во државата. 

Има ли интерес за зачленување во ПЕП 21 и најава за одлив на кадри од други партии?

Интересот е огромен, но партијата постапува во согласност со Законот за политичките партии, кој предвидува собирање најмалку 1.000 изјави заверени на нотар од основачите. Показател за големиот интерес за членство е и кусиот временски период за кој се собраа предвидените изјави. За официјалното пристапување кон партијата ќе ја почекаме нејзината регистрација. ПЕП 21 е самостојна и граѓанска партија, отворена за сите што сакаат да пристапат во неа и да дадат свој придонес преку проекти, програми, ставови и мислења. 

Освен економскиот дел, во која друга насока ќе дејствува Вашата партија?

Создавање услови за поуспешен развој на реалниот сектор, решенија со чија реализација ќе престане одливот на млади граѓани надвор од земјата и враќање на оние што се заминати, обезбедување достоинствени работни места со европски плати, социјална заштита, слободна, но политички пасивна администрација, подобрување на инфраструктурата и на условите за живеење на село... Целта е да постигнеме да не постојат никаков вид дискриминација и институционална нееднаквост, а државата да обезбеди максимална и редовна грижа, материјална и морална поддршка, како и секојдневни активности за лицата со посебни потреби и со хендикеп.

ОТВОРЕНИ СМЕ ЗА КОАЛИЦИРАЊЕ СО СИТЕ ПАРТИИ

Јовановска истакнува оти нејзината партија засега не планира коалиција со ниеден друг субјект, но не ја исклучува можноста за соработка во иднина.

- Ние сме граѓанска партија со своја програма, партиски цели и определби. Отворени сме за соработка со сите политички субјекти (и од позицијата и од опозицијата), а конечните одлуки ќе бидат донесени од органите на партијата - додава Јовановска.

 

Интервју објавено во дневниот весник Дневник, објавено на 19.06.2013