Дали Живко Митревски ќе биде нов министер, а ССМ ново министерство во Владата на РМ?

ПЕП 21 прашува: Дали Синдикатот односно ССМ се уште егзистира во Република Македонија и ако постои за кого функционира?
За власта, за работниците или... за задржување на прималивите синдикални фотелји!?

Фотелјите, имотот и парите со кои во минатото и сега располага ССМ, од секогаш беа личен мамец за синдикалните лидери, а не професионален  предизвик.
Правата на работа, социјална осигураност, платени пензиски и здравствени придонеси, наместо да се бранат и да се штитаат на начини регулирани со закон, вклучувајќи го и штрајкот, не се почуствуваа.
ССМ и  сегашниот прв синдикалец д-р Живко Митревски, на хартија, на писулче се фалат дека имаат 9 репрезентативни гранкови синдикати?! Се фалат дека функционира економско социјалниот совет?! Се пофалија и со наводно започнат процес на обезбедување достоинствена работа?! А, во меѓу време што се случува?
Непречено се намалија работничките и социјалните права. Откази  во фирми, па дури и во оние кои се во сопственост на државата. Градежници умираат на градилишта затоа што работат без опрема, за мали пари и без осигурување... 
Работничките права, правото на штрајк, ПЕП 21 смета дека е минимизирано, а незадоволството нема кој да го преточи во практика.
Прашање е дали ССМ и Живко Митревски  градат и  негуваат социјална, правна и демократска држава? Се сомневаме дека се залагаат за социјална правда, солидарност, хуманост и за социјален и економски развој на Република Македонија и граѓаните, а уште помалку за достоинствена работа?  Дали навистина се самостојни, уште помалку независни?
Г-дине Живко Митревски, нели требаше светскиот ден на достоинствена работа  да го прославите со работниците и со нив да се сликате и снимате на нивните работни места?
Дали после Вашите настапи и изјави со кои оставате впечаток дека повеќе ги штитите правата на Владата отколку на работниците, човек може да смета дека ССМ  ќе биде ново министерство, а Вие  нов министер во Владата на РМ?

 

ПЕП 21     Скопје
ИНФО ЦЕНТАР   08.10.2013 г.