Со политичка волја и економски промени до рамномерен развој и демографска рамнотежа

Партијата за економски промени 21 смета дека крајно време е да се дислоцира економската, образовната и политичката моќ од главниот град Скопје кон внатрешноста на земјата.

Поради лошата економска стратегија  делови во внатрешноста на Македонија демографски се опустошуваат. 
Времето на „комунистичката колективизација на Скопје„ одамна го зеде демографскиот данок, но време е сериозно да се отпочнат напори за рамномерен развој на целата територија на Република Македонија.
ПЕП 21, предлага Владата да превземе брза и соодветна акција со цел што поскоро да се спречи целосна демографска еутанизација на Македонија. 
Истовремено поради погрешната економска и демографска политика во државава,  се создава демографски стеснет простор, кој повеќе не може да одговори на современите движења, односно на вештачкиот пораст на населението во главниот град. 
Поради миграцијата наметната од лошата економска состојба на граѓаните  во Република Македонија  и потрагата по егзистенција и подобар живот,  Скопје го изгуби духот на “престолнина”. 
Со вонредни краткорочни и среднорочни економски мерки кои ќе овозможат вработување, финансиска подршка на граѓаните, даночни ослободувања, правилна и оптимална распределба на земјоделските површини во државна сопственост, како и запуштените земјоделски површини, инвестиции во стопанството, во здравството, во човечките ресурси, изградба на социјални и други станови во сите градови и населени места во државата, не само во Скопје, граѓаните нема да имаат потреба да се  преселуват во главниот град и во странство.
Македонија веќе не може да се потпира на вработувања во тешка индустрија туку, на сериозно реактивирање на аграрната политика која за краток период може да резултира со вработување на над 150 000 невработени граѓани со тенденција за зголемување на бројкат. Државата да помогне земјоделците со средства од ИПАРД-програмата да изградат објекти за примарно земјоделско производство и да набават технолошка опрема. Да се овозможи создавање на нова извозно ориентирана прехранбена индустрија. 
ПЕП 21 верува дека со политичка волја и правилна економска стратегија Република Македонија може да доживее рамномерен развој и демографска рамнотежа на целата своја територија.

 

ПЕП 21     Скопје
ИНФО ЦЕНТАР   21.11.2013 г.