ПЕП 21 смета дека проектот ,,Топ менаџери 150’’ не е целосен и не е респектибилен доколку јавноста прво не ги дознае критериумите врз кои се прави селекција на менаџерите кои што ќе можат на трошок на сите граѓани да одат на дополнително усовршување во странски компании.
Овој проект мора да им даде еднакви шанси на сите менаџери во земјава, вклучувајќи ги и оние од приватниот сектор, бидејќи и тие како и сите други физички или правни субјекти во Република Македонија, не само што се даночни обврзници по неколку основи, туку и придонесуваат кон полнењето на буџетската каса на државата. Ако досега низ овој барабан минале 40 кандидати, ПЕП 21 прашува зошто јавно не се обелоденија ефектите од нивното образување, дополнително усовршување, обуки, односно дали тие придонеле за зголемување на производството, намалување на невработеноста или ова е проект за прошетка низ Европа, се разбира со народни пари и пари од даночните обврзници.
Отчетот на овие менаџери не треба да се сведе само на избалансиран извештај до владата за нивно присуство на обуки и на дополнителното усовршување. Граѓаните мораат да знаат колку од нивниот џеб оди на трошок за реализација на овој проект, колку чинат странските дневници, обуките и колку чинат услугите на менторите?
Кои се имињата на првите 40 менаџери што биле во странство? Да не се тоа некои менаџери во јавни или државни институции, или пак нивни роднини? Дали станува збор за некомпетентни имиња?
Сите информации од овој проект не може да бидат деловна, државна или строго доверлива тајна. Не објавувањето на имињата или ефектот од нивното дополнително усовршување се мерливи категории, па јавноста нека процени дали овој проект е во интерес на Република Македонија и нејзините граѓани.
ПЕП 21 верува дека даночните обврзници од Владата ќе бараат фискални сметки и од реализацијата на проектот,,Топ менаџери 150’’.
ПЕП 21 | Скопје | |
ИНФО ЦЕНТАР | 04.12.2013 г. |