Проблемот со загадениот воздух во Скопје не е само политичко и економско, туку стратегиско прашање, смета ПЕП 21. Загадувањето на главниот град како проблем не е од вчера, за него се зборува долго време, но на повиците за кислород надлежните институции досега не сакаа соодветно да реагираат.
За загадувањето и околу него се правеа и се уште се прават политички пазарлаци, констатира ПЕП21. Тој во овој момент само метастазира затоа што со години и со децении не се преземаа конкретни мерки за остранувањето на причинителите на штетни честички во воздухот.
Високите концентрации на чад и на други штетни честички можеа да се спречат ако политичарите, градоначалниците и советници го спречија непланскиот урбанистички бум во градот Скопје и општините. Градежната експанзија ја спречи природната вентилација и движењето на воздухот во престолнината.
Паралелно со ова погрешната економска политика дека се мора да се случува во Скопје, односно да се гради метрополис, доведе до појава на стеснет урбанистички простор, поради што денес казната пристигна.
Во Скопје постојано се гради на секој чекор, престолнината вештачки се населува, без да се размислува за последиците. Граѓаните веќе ги чувствуваат проблемите, болестите, алергиите итн. Затоа мора да се преземат итни и трезвени мерки кои ќе го решаваат проблемот со загадувањето. Институциите мораат да ги засукаат ракавите и координирано да го намалат притисокот во Скопје. Не само да се зголеми инспекцискиот надзор, туку Владата и Градот Скопје да се заложат да ги лоцираат сите загадувачи и да ги задолжат итно да превземат мерки со кои ќе престанат да го загадуваат воздухот и да го влошуваат здравјето на граѓаните.
ПЕП 21 | Скопје | |
ИНФО ЦЕНТАР | 16.12.2013 г. |