Партијата за економски промени 21 смета дека изјавата на ресорните функционери од областа на труд и вработување дека во овој момент 95.279 илјади граѓани бараат работа, а за следните месеци најавуваат помали бројки, е премногу не сериозна, небулозна и штетна за останатите невработени лица, кои не по своја вина немаат работа, а се ставени како пасивни гледачи на актуелните состојби со невработеноста и немањето нови работни места во Република Македонија.
Зошто повеќе никој не ги споменува илјадниците невработени лица кои поради недоверба во системот и институциите, а поради немање пари секој месец да се јавуваат во АВРМ, се изјасниле дека не бараат активно работа?!
А, што е со оние илјадници лица кои се убедени дека државата не е во состојба да го реши нивниот проблем со вработувањето и не се изјасниле ниту како активни, ниту како пасивни баратели на работа, односно веќе неколку години се надвор од евиденцијата на невработени?!
Каде отидоа илјадници невработени лица? На кои работни места, во кои фирми, во кој сектор се вработија? Зарем граѓаните не се сведоци дека со месеци наназад секојдневно фирмите се затвараат или го намалуваат бројот на вработени, како Охис и многу други?
ПЕП 21 потенцира дека со ваквите недемократски и нехумани мерки и правни прописи за намалување на невработеноста се нарушуваат важни економски, социјални и демократски човекови права на невработените.
Во нормални и демократски земји, како државна инстистуиција основна задача на Агенцијата за вработување е да нуди односно дури под дрво или камен да бара и за краток временски период да најде работа за невработените.
Повеќе од јасно е дека Агенцијата за вработување ја загубила смислата за своето постоење и функционирање и во овој момент се јавува само во улога на статистичка фабрика, која го монтира бројот на невработени без притоа да ги земе в предвид основните вредности и права на невработените.
ПЕП 21 од т.н. „менаџери„ на Министерството за труд и социјална политика и на Агенцијата за вработување, бара да не и се умилкуваат на Владејачката гарнитура, и поради свои лични привилегии, да не ги ставаат политичките и партиските интерси пред чувствата и достоинството на граѓаните, односно да престанат со свесното и намерно обезличување на илјадниците луѓе, кои се невработени и се на работ на егзистенција.
ПЕП 21 | Скопје | |
ИНФО ЦЕНТАР | 19.12.2013 г. |