Партија за економски промени 21 очекува претседателот на ССМ јавно да поднесе оставка со цел да престане преку својата синдикална функција да манипулира и потпишува одлуки со кои прави маркетинг и собира поени за себе и за политички субјекти, наместо да се избори за минимална месечна плата за достоинствен живот на едно семејство.
ПЕП 21 по којзнае кој пат на првиот синдикалец му укажува колку пари му се потребни на едно семејство во Република Македонија да го помине месецот: “ секогаш кога ќе го отвори фрижидерот да биде полн, сметките да ги плати во законскиот рок, ратата за стан и кола да ја уплати во договорениот рок, секоја сезона на децата да им се купи соодветна гардероба, да добијат некој денар за викенд излегување, да ги покани блиските во недела на ручек, да не чека полноќ за да се пере и готви на евтина струја која и тогаш е ИЗГОР скапа…”
ПЕП 21 дава подршка на странските инвестиции, но не се согласува со ниските плати кои нашите работници ги добиваат во фирмите на странските инвеститори. Наместо да се залага за правата на работниците, претседателот на ССМ остана глув на сите понижувања, кои македонските работници ги доживуваат при владините роуд шоуа, со кои низ светот се нудат како ефтина работна сила, без гордо да се потенцира дека македонските работници се квалитетни, вредни, чесни, неуморни и достоинствени.
Постои сомневање дека месечните примања на Живко Митревски доаѓаат од неколку институции и се прилично високи, а тој врз грбот и џебот на работниците ги ужива привелигиите како прв синдикалец во државата, и немо набљудува како работниците и нивните семејства едвај врзуваат крај со крај во месецот, односно се заглавени во долгови?!
Г-дине Живко Митревски и овој пат јавно Ве повикувам на тв-дуел, во телевизија и емисија по Ваш избор се со цел пред работниците на Република Македонија да кажете колкава е Вашата плата, колкави се Вашите дополнителни месечни приходи и дали Вие може да ги преживеете месеците само со 10 000 денари кои би ги добиле на “рати” после неколку години?!
ПЕП 21 | Скопје | |
ИНФО ЦЕНТАР | 31.01.2014 г. |