Партија за економски промени 21 укажува дека во нормални услови и држави со развиена економија, младите до својата 30-та година имаат можност сами да одлучат кога и каде да бидат вработени, па дури и можност по неколку пати да ги променат своите работни места до вработувањето кое нив ги прави среќни и задоволни!
ПЕП 21 смета дека мерката за вработување на млади лица до 29 години е само предизборна загриженост на власта за младите кои по некоја случајност се уште не заминале надвор од државата во потрага по работа и пари, т.е. по она што во Македонија треба да им биде реален секојдневен животен исчекор.
Очигледно младите станаа свесни за својата судбина која е резултат на лошите владини политики во изминативе 20 и повеќе години, па најверојатно останаа незаинтересирани за оваа мерка за вработување гледајќи ја истата како обид на власта за неколку месечен ангажман на младите лица кои по изборите најверојатно повторно ќе се најдат на улица.
Поради фијаското кое го доживеа мерката за вработување на млади лица до 29 години, која бомбастично ја промовираа ресорните менаџери пред околу еден месец, деновиве мораше да се заложи и лично Премиерот? Па така беа понудени нови олеснителни околности за работодавачите со цел барем тие да пројават интерес за вработување на младите, бидејќи “за танго се потребни двајца”!
Очајните обиди, младите да бидат вработени неколку месеци, со цел да се тргнат од списокот на невработени, не го решава реално и долгорочно нивниот проблем кој е проблем и на Република Македонија.
ПЕП 21 укажува дека младите се иднината и судбината на Република Македонија, поради што итно мора да се изгради сериозна долгорочна стратегија за економски и социјален развој на државата, во спротивно, Македонија ќе биде покосена од “ белата чума”!
ПЕП 21 | Скопје | |
ИНФО ЦЕНТАР | 25.02.2014 г. |